Новиот закон за енергетика овозможува инвестиции во обновливи извори на енергија
Во наредните две до три години во функција ќе бидат ставени капацитети со моќност до 350 мегавати од обновливи извори на енергија. Искористеноста треба да се зголеми. Се бара поддршка од европските фондови...

Поради немање кворум за гласање, присутни беа само 5 од потребните 6 национални делегации, Парламентарниот пленум на Енергетската заедница на денешната сесија во Скопје не можеше да гласа и да усвојува предлози, но расправаше и понуди амандмани на заедничкиот извештај за јакнење на обновливите извори на енергија во регионот. Вицепремиерот Кочо Анѓушев најави дека во наредните 2-3 години во земјава ќе бидат изградени и ставени во функција капацитети со моќност од 300-350 мегавати од обновливи извори на енергија.За таа цел државата ќе понуди чисти локации на државно земјиште.
„Со не повеќе од 3 до 4 милиони евра импакт врз Буџетот можат во Република Македонија да се изградат 200 мегавати фотоволтаични електрани на овој принцип.Тоа е суштината и тоа е доприносот кој што треба овој закон да го даде во развојот на обновливите извори на енергија во оваа област.Ќе одредиме државно земјиште кое што е со повисока категорија, петта, шеста, седма. Државата ќе направи пренамена и урбанизација на тоа земјиште како би можеле да им ги скратиме маките на инвеститорите“, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.
Инвестициите во 200 мегавати фотоволтаици ќе изнесуваат околу 200 милиони евра, рече Анѓушев најавувајќи изградба и на нови ветерници чија вкупна моќност треба да достигне меѓу 150 и 200 мегавати, додека со новиот тендер ќе биде овозможена изградба на нови 22 мали хидроцентрали.
Презентирајќи го заедничкиот извештај за јакнење и унапредување на обновливите извори на енергија претседавачот Локвенец нагласи дека е забележан напредок во делот на постигнувањето на ветениот процент на учество на енергијата од обновливи извори во вкупната потрошувачка.
„Би ја нагласил и потребата од вклучување на Европската комисија преку поддршка од своите фондови. Да ги стимулира инвестициите во обновливи извори на енергија во договорните страни на Енергетската заедница“, рече Хари Локвенец- претседавач на Парламентарниот пленум на Енергетската заедница.
Во расправата пратеникот Александар Дамјановиќ од Црна гора предложи да се изнајде друг механизам за плаќање на субвенциите за произведена енергија од обновливи извори, наместо досегашното решение тоа да биде дел од сметката што ја плаќаат граѓаните за струја.Притоа на почеток за оваа цел би се користеле средства од Европските фондови.
Засега во светот само 1,7% од вкупната потрошувачка на енергија е од обновливи извори, а дури 54% се добива со користење јаглен во термоцентралите.
Свето Николовски
