Европски Парламент

Изгласана резолуцијата за Македонија

29.11.2018 15:05

Европскиот Парламент ја усвои резолуцијата за Македонија. Констатирано дека спроведувањето на Преспанскиот договор го отвора патот за членство во Европската унија и во НАТО. Се бара спроведувањето на реформите. Европратениците усвоија и амандмани, со кои се бараат од Унгарија дополнителни информации за случајот со екс- премиерот Груевски...

Европскиот Парламент во усвоената резолуција ја поздравува силната посветеност на Македонија во спроведувањето на договорот од Пржано и на итните реформски приоритети. Европратениците притоа ги повикуваат националните власти да ја интензивираат борбата против перењето пари и судирот на интереси, за подобра заштита на судството од политичкото влијание и решавање на отворените прашања во врска со владеењето на правото, кои продолжуваат да претставуваат трнливи проблеми. Резолуцијата, предложена од известувачот Иво Вајгл, беше усвоена со 470 гласови „за“, 116 „против“ и 46 воздржани гласови.

Притоа, ги усвоија и амандманите предложени од групата на Зелените и Социјалистите со кои се бараше од Унгарија да даде дополнителни информации и објаснувања во врска со случајот на Никола Груевски, кој избега од својата земја со помош на унгарската тајна дипломатија, за да избегне затворска казна.

Европскиот Парламент ова го смета како акт на мешање во внатрешните работи на Република Македонија и, особено, чин на непочитување на судството и владеењето на правото во оваа земја. ЕП очекува Унгарија да го земе предвид барањето за екстрадиција формулирано од страна на Скопје, и очекува од Будимпешта дека таа ќе дејствува во строга согласност со националното и меѓународно законодавство со, позитивен одговор на ова барање.

Европратениците ги отфрлија амандманите на грчките европратеници, поточно на Софија Сакорафа, со кои таа бараше бришење од резолуцијата на термините „Македонија“ и „македонски“.

Известувачот за Република Македонија, Иво Вајгл, за време на вчерашната расправа нагласи дека откако ќе бидат исполнети сите услови, приемот на Република Македонија ќе обезбеди светла иднина за сегашните и идните генерации. ЕУ, исто така, треба да ги исполни своите ветувања за една земја, која долго време беше во чекалната, што може да даде значителен придонес за стабилноста, безбедноста и напредокот на цела Југоисточна Европа.

Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ