Европска енергетска заедница

Гасоводното поврзување со Грција и далноводот кон Албанија- клучни проекти за Македонија

29.11.2018 16:01

Гасоводното поврзување со Грција и далноводот кон Албанија – ова се клучните проекти за Македонија. Ставени се како приоритет за Европската енергетска заедница. Во Скопје се одржа 16-от состанок на министерскиот совет...

На министерската средба во Скопје, Република Македонија доби пофалби од Енергетската заедница за претседавањето во 2018-та, но и за истовременото умешно искористување на можностите да направи сериозен исчекор и да ги забрза реформите во енергетиката.

„Досега не сме имале земја која толку активно би ја презела улогата на претседавач со Енергетската заедница, координирајќи ги активностите од Португалија до Грузија и притоа да го искористи ова за забрзување на реформите внатре во земјата“, изјави Јанез Копач, директор на Секретаријатот на Енергетската заедница- Виена.

Европската комисија со порака дека очекува унапредување на регионалниот пазар на струја и гас, но и на внатрешните пазари, изјави Меган Ричардс директор за енергетски политики во Брисел. Вицепремиерот Анѓушев најави серија нови инвестиции во обновливи извори на енергија, односно интензивно градење фотоволтаици, но и воведување нов начин на поддржување на инвеститорите по пат на премиуми. Во фокусот на државата е и подобрувањето на конекциите со соседните пазари на струја и на гас.

„Нашите енергетски проекти кои што се за интерконекција на енергенсите со останатите земји се наоѓаат на списокот на приоритетни проекти на Енергетската заедница. Тоа се проектот за далноводот меѓу Битола и Елбасан и проектот за гасното поврзување со Грција, значи интерконекцијата меѓу Македонија и Грција“, изјави Кочо Анѓушев-, ицепремиер за економски прашања.

„Усвоивме водич на генералните политики за целите за 2019-та година од аспект на енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија, но истовремено и од аспект на намалување на загаденоста“, рече Крешник Бектеши, министер за економија.

Здружувањето на пазарите на енергија на Македонија и на Бугарија ќе донесе намалување на цените на електричната енергија што важи и за гасот, вели Копач. Според него гасното поврзување со Грција ќе влијае врз цената на увозот на гас, затоа што Македонија сега плаќа висока цена поради монополот во снабдување со природен гас.

Говорејќи за словенечкото искуство во либерализацијата на пазарот на струја, Копач изјави дека во првата година никој не го променил снабдувачот, но олеснувањето на процедурата подоцна донело голем број барања за менување на компанијата снабдувач.

Свето Николовски