Уставните измени во втора фаза на утрешната собраниска седница
Уставните измени во втора фаза на утрешната седница на законодавниот дом. Спикерот Џафери подетално ги информираше новинарите, а од неговиот кабинет забележаа, претседателот Иванов не го одредил терминот за годишниот говор пред пратениците. Возвратија од Кабинетот на претседателот, велат- ќе си ја изврши уставната обврска...

Седницата за нацрт- амандманите на Уставот за спроведување на Договорот од Преспа што почнува утре може да трае најмногу до 12 дена. Доколку поминат амадманите во оваа фаза со апсолутно мнозинството, тогаш Владата како предлагач треба да спроведе јавна расправа која треба да трае најмногу до пет дена, информираше претседателот на собранието Талат Џафери.
По завршувањето на јавната расправа, извршната власт треба да ги подготви во рок од два дена предлог- амандманите, за кои повторно ќе се води расправа на Комисијата за уставни прашања. За конечно усвојување на пленарната седница, овој пат е потребно двотретинско мнозинство на гласовите од народните избраници.
Нема најава од претседателот на државата, Ѓорге Иванов за редовното годишно обраќање во Собранието, рече собранискиот спикер. Ова на претседателот на државата му е право, а не обврска, што значи може да не сака оваа година да го искористи, смета Џафери.
Претседателот Иванов ќе ја исполни својата уставна обврска во текот на 2018 година. Како и досега, така и во иднина, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Ивановќе постапува единствено и исклучиво согласно Уставот и законите на Република Македонија, посочуваат од претседателскиот Кабинет.
Мандатот на Иванов истекува на 2-ри мај наредната година, а претседателските избори ќе бидат распишани најверојатно на крајот на јануари или во почетокот на февруари, информира Џафери.
Претседателот на Законодавниот дом е категоричен дека на поранешниот премиер, Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, мора да му биде исплаќана плата затоа што тој има уставно право на тоа. За да му се одземе мандатот, мора да гласаат две третини од вкупниот број на пратеници. Пратеничкиот мандат е уставна категорија и не може да се смени само со промена на Деловникот, категоричен е Џафери.
Објавувањето на Законот за јазици во Службен весник, вели Џафери, ќе чека соодветен момент и контекст во целокупната политичка ситуација.
Игор Панов
