Обвинителството прислушувано повеќе од две години

30.11.2018 14:29

Нова афера на македонската политичка сцена. Првиот меѓу обвинителите, Јовески, тврди- неговите колеги биле прислушувани, но и коресподенциите со надлежните установи. Најстариот запис за пресретнатите комуникации датира од септември 2016-та...

Повеќе од две години, седумдесетина обвинители сместени во зградата на кејот биле прислушувани, а сите разговори што ги воделе преку фиксната телефонија се снимале на два хард диска. За ова информираше републичкиот обвинител Љубомир Јовески. Снимањето се одвивало преку централата во зградата, а најстарите записи датираат од 30-ти септември 2016-та година.

Оттогаш наваму, биле снимени сите разговори што интерно ги воделе обвинителите, но и нивните коресподенции со МВР, Институтот за судска медицина, Финансиската полициција и останатите служби кои во одредена фаза се вклучени во кривичниот прогон.

Преку оваа телефонија се споделувале детали за истрагите и биле повикувани сведоци на распит, па оттука, ако некој ја пресретнувал комуникацијата ќе се истражува дали било вршено незаконско влијание на сведоците.

Теле- системот бил инсталиран во 2013- та година. Истрагата ќе покаже и зошто бил сетиран да ги снима разговорите, но и кој сѐ имал пристап до нив. Дали биле изнесувани од зградата, копирани, бришени и дали завршиле кај трети лица.

Дополнително, се испитува и периодот пред септември 2016-та, односно дали и во тој период имало незаконско снимање.    

 

Анита Димитријевска