Втор повик

Нови 13,2 милиони евра за преработувачки капацитети

30.11.2018 15:44

Објавен вториот повик за фирмите и за земјоделските задруги за вложување во нови преработувачки капацитети и опрема. 50 насто од инвестициите ќе бидат кофинансирани со неповратна финансиска помош преку европски фонд и преку буџетот. Крајниот рок за поднесување барања е 14 јануари 2019. Со првиот повик досега биле склучени 940 договори во вредност од речиси 17,6 милиони евра...

Платежната агенција го објави вториот јавен повик наменет за компаниите и за земјоделските задруги што имаат намера да инвестираат во отворање нови или осовременување постојни преработувачки капацитети и опрема. Крајниот рок за аплицирање е 14 јануари 2019, а на располагање се 13,2 милиони евра.

„Сите заинтересирани корисници на европските пари ќе треба да пополнат барање за користење средства од ИПАРД 2 програмата за конкретната мерка, деловен план изработен според упатството и придружна документација, како што е наведено во јавниот повик“, изјави Николче Бабовски, директор на Платежна агенција.

Според јавниот повик половина од инвестицијата ќе биде кофинансирана како неповратна финансиска поддршка. Притоа ¾ од средствата се обезбедуваат од ИПАРД 2 програмата, а ¼ се од Буџетот.

„Само за првиот повик од ИПАРД 2 се склучени околу 940 договори во вредност од 18 милиони евра, што е и повеќе од целиот програмски период за ИПАРД 1. Затоа, со предлог Буџетот за 2019 година го зголемивме националното кофинансирање за ИПАРД од 60 милиони денари за 151 милиони денари“, рече Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Преку ИПАРД 2 програмата Македонија има на располагање 60 милиони евра, а заедно со буџетската контрибуција од 20 милиони, земјоделците, задругите и фирмите можат преку неколку мерки да користат вкупно 80 милиони евра за реализација на различни проекти.

Свето Николовски