Екологија

Против загадувањето со меѓународни донации

10.12.2018 13:54

Владата со најава дека аерозагадувањето за две години ќе се преполови. Домаќинствата учествуваат со над 40% во загадувањето на воздухот, а Владата побарала техничка и финансиска помош од меѓународната заедница за справување со овој предизвик...

Освен пари, Владата бара размена на позитивни искуства и техничка помош од меѓународната заедница за да може да го спроведе Планот за чист воздух. Резултатите ќе бидат видливи за две години. Се очекува загадувањето да се намали за 50 насто. 1,6 милиони евра од буџетот веќе се обезбедени, и не се доволни за целосна имплементација на мерките.

„Ќе сметам на вашата поддршка и соработка во овој процес на справување со овој голем прдизвик. Со заедничка борба ќе успееме да го намалиме загадувањето на воздухот и да го подобриме квалитетот на животот на нашите граѓани“, изјави Садула Дураку- министер за животна средина.

Владата најавува субвенции за замена на старите нееколошки печки со еколошки извори на топлина. Велат, тие најбрзо ќе дадат резултат. Анализите покажале дека домаќинствата учествуваат со над 40 насто во загадувањето.

„Граѓаните не сакаат да загадуваат но ние треба да им помогнеме со субвенции за еколошки извори, со подигнување на енергетската ефикасност на објектот, со замена на печките кои ги имаат на јаглен. И се надевам дека ќе добиеме консензуална поддршка во Собранието конечно да се донесе закон за забрана за користење на јаглен како извор на затоплување. Тоа ќе биде една драстична, корисна, добра мерка“, вели заменик- министерот за животна средина, Јани Макрадули.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи додава дека за целосно надминување на проблемот потребни се долгорочна и краткорочна стратегија.

„Домашните ресурси тоа се околу 98 милиони денари кои се обезбедени за 2018 година колку да почне стратегијата, меѓутоа и средствата од донаторите да ги ставиме во иста линија со цел да ги постигнеме тие цели кои што ги имаме утврдено а тоа е за кратко време да стигнеме и до 50 проценти на загадувањето во нашите градови“, изјави Османи.

Шведска агенција ќе донира 2,5 милиони евра сo кои се очекува да се поправат мерните станици кои не функционираат и да се обноват преостанатите.

 

Андријана Атанасовска