Завршија јавните дебати за уставните амандмани

10.12.2018 16:22

Во Тетово и во Штип финишираа јавните расправи за нацрт- амандманите на Уставот. Се одржаа вкупно пет. Премиерот Заев вели- точно е дека земјава ќе се вика Република Северна Македонија, но повеќе никој нема да ги оспорува нашата националност и јазик. Уверен е дека преку овој, како што го нарече, инклузивен процес ќе успее да се обезбеди потребното двотретинско мнозинство во Собранието...

„Имаме фер и праведно решение кое отвора огромни перспективи за Македонија. Да, ќе бидеме Република Северна Македонија, но никој повеќе нема да ни ги оспорува националноста и јазикот“, рече премиерот Заев на дебатата за нацрт- амандманите на Уставот.

Од Штип, тој истакна дека договорот од Преспа го донел од неколку причини, главно поради 27- годишната изолација на земјата, оставена без перспектива и напредок, како и поради безбедносните околности во регионот. Заев очекува дека со двотретинско мнозинство ќе се изгласаат уставните измени.

„Потребно е да се поддржат овие амандмани за да се зајакнат веќе преземените обврски од Преспанскиот договор и да се гарантира заштитата на одредени права на граѓаните. Уставот ни е граѓански и така треба да остане“, рече правничката Маргарита Цаца Николовска.

За професорот Спасов, амандманите се јасни и кратки и кажуваат дека ништо драматично не се менува во нашиот Устав. Вели, компромисот е добар за двете држави и треба да се прифати.

Уставните амандманите ќе стапат во сила откако договорот и протоколот за пристапување во НАТО ќе бидат ратификувани од грчкиот парламент, доколку не се изгласаат тогаш нема да има измена на Уставот, рече премиерот Заев.

 

Викторија Милевска