Виртуозот на виолината Вадим Репин солист со Македонската филхармонија

11.12.2018 10:57

Виолинистот со огнена страст, со беспрекорна техника, уметникот од чии раце извира поезија и сентименталност, како што го опишува критиката, Вадим Репин, за македонските љубители на музиката ќе го изведе виртуозниот Концерт за виолина и оркестар бр. 2 од Сергеј Прокофјев.

Македонската филхармонија, оваа среда во 20 часот, ќе одржи симфониски концерт под наслов „Магична виолина“, на кој како солист ќе се претстави еден од најголемите виолинисти на денешнината, Вадим Репин од Русија.

Виолинистот со огнена страст, со беспрекорна техника, уметникот од чии раце извира поезија и сентименталност, како што го опишува критиката, Вадим Репин, за македонските љубители на музиката ќе го изведе виртуозниот Концерт за виолина и оркестар бр. 2 од Сергеј Прокофјев.

Диригент на концертот е маестро Владимир Вербицки од Русија, кој првпат настапува на македонската сцена, а кој се смета за еден од најактивните руски диригенти и кој гостува на сите светски континенти. Под неговата диригентска палка, оваа вечер ќе бидат изведени и едно од најпопуларните дела на рускиот композитор Модест Петрович Мусоргски - „Ноќ на пустата планина“, како и македонската премиера на Симфонијата бр. 1од рускиот автор Василиј Калиников.