Скопје

Вработените во Клиничкиот центар и денеска на протест

12.12.2018 12:34

Вработените во Клиничкиот центар и денеска на протест- бараат повлекување на одлуката за зголемување на цената за месечно паркирање. Министерот за здравство Филипче ветува решавање на проблемот...

Вработените во Клинички повторно ја искористија паузата од половина час за протест, незаводолни од одлуката на градските власти за зголемување на цената на паркингот во кампусот за 500 денари. Иако најавија, не ги блокираат наплатните рампи. Чекаат ресорниот министер да го реши проблемот. Бараат власта да излезе со добро осмислено решение.

„Кога транспортирам од клиника до ренген пред мене пациентот диши гасови од возилата. Тоа мисли дека е паркинг. Ова е само перење пари, што вложил во оваа клиника, во овој паркинг што го нарекува. Кога ќе дојде господинот Шилегов во болница плаќа ли паркинг, не плаќа, зошто да не плаќа, кој е тој, а ние плаќаме што работиме тука што спасуваме луѓе“, вели Мирко Ничевски, болничар на Клиниката за токсикологија.

Синдикатот на Клиничкиот центар не се согласува со тврдењата на градоначалникот Шилегов дека вработените во кампусот се привилегирани во однос на паркирањето. Оттаму додаваат дека е понижувачки и за вработените во другите институции да плаќаат по 800 денари.

„Понижувачки е и за нив што работат на другите работни места доколку паркингот на своето работно место треба да го плаќаат. Господинот градоначалник на Град Скопје си зема слобода да не обвини дека ние сме виновни затоа што пациентите немаат можност да се паркираат во овој кампус и дека ние сме биле криви за сето тоа, тоа нас навистина не повреди“, изјави д-р Горан Беговиќ, претседател на Синдикатот на Клиничкиот центар.

„Еден апел до господинот непривилигиран градоначалник. Треба да знае дека ахиловата пета во здравството е Клиничкиот центар во Скопје. Доколку сака треба само да размисли добро и по основ на патиштата кои што се пред него, да разбере дека сите патишта водат до Клиничкиот центар“, додава Ивица Апостолов- лаборант.

Вработените се убедени дека повисоката цена на паркингот нема да донесе почист воздух, ниту пак, ќе го намали сообраќајниот хаос.

 

Андријана Атанасовска