Јавното обвинителство за две недели ќе објави информации од истрагата за бегството на Груевски

12.12.2018 14:56

Рускоска најави дека Јавното обвинителството за околу две недели ќе излезе со првичните резултати од предистражната постапка.

По околу еден месец од бегството на Груевски во Унгарија, надлежните сè уште трагаат по одговори. Рускоска најави дека Јавното обвинителството за околу две недели ќе излезе со првичните резултати од предистражната постапка.

„Во Обвинителството ќе бидат повикани сите за кои се смета дека можат да дадат одредени информации во врска со бегството на Груевски. Ние и досега имаме сослушано од неговото обезбедување, така што ќе продолжиме во таа насока“, рече обвинителката Рускоска.

Таа додаде дека прегледувањето на снимките што ги имаат е веќе при крај, и најави дека очекуваат во наредните две недели да излезат со соопштение за резултатите од предистражната постапка.

„Ние се уште немаме добиено ништо од Унгарија во поглед на нашето барање за екстрадиција. Сепак, оние пристојни рокови не се изминати. Ќе чекаме одредено време и доколку после тоа не добиеме одговор ќе испратиме ургенција“, изјави министерката за правда, Дескоска.

Поранешниот премиер Никола Груевски пред еден месец избега од Македонија за да не ја издржува двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“. Македонските власти по Груевски распишаа меѓународна потерница и побараа тој да биде екстрадиран во Македонија.