Тензично на Косово, формирана војска
Со 107 гласа „за“ косовското собрание ги усвои трите нацрт- закони за трансформација на косовските безбедносни сили во војска. Пратениците од српска националност не приуствуваа на седницата која почна со едноминутен молк во знак на почит за, како што рече парламентарниот спикер Весели- сите поколенија кои во различни околности, ги жртвувале своите животи за овој ден...

Денот во Белград и во Приштина е означен како „Ден Д“. Возила на КФОР се распоредени на мостот кој ја дели Косовска Митровица на северен и јужен дел, а хеликоптери на НАТО ја надлетуваат Приштина. На мостот е присутна и косовската полиција.
Претходно косовскиот премиер Харадинај порача дека идните оружени сили на земјата „секогаш ќе бидат таму каде што се штити животот, достоинството и интегритетот на човекот“.
Српскиот претседател Вучиќ изјави дека не разбира како некој на светот може да го одобри формирањето војска, која е во спротивност на сите меѓународни акти.
„Се што прави Косово очигледно со дозвола на американците и британците е противправно и нелегално и спротивно на „членот 9, точка б“ во кој недвосмислено се вели дека работата на КФОР кој доби мандат од Обединетите нации, е да ги разоружа сите албански воени формации“, изјави претседателот на Србија, Вучиќ.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг рече дека жали што косовскиот парламент донел одлука за трансформација на војската и покрај загриженост од алијансата.
Американскиот амбасадор на Косово, Филип Коснет напиша дека безбедноста на една земја зависи од квалитетот на односите за безбедност, мирни односи со соседните земји, но и од професионализмот на нејзините безбедносни сили. Косово ќе брои 8-илјадна војска, а американците веќе го испратија на приштинскиот аеродром првиот контингент од 50-на воени возила хамери.
Во претходните денови во градот беа поставени голем број американски знамиња, а од изутрината покрај албанските се веат и националните симболи на Германија, Велика Британија, Италија и Франција.
Марина Ристова
