Политика

Заев: Очекувам поголема поддршка од 80 пратеници за уставните измени

14.12.2018 14:54

Очекувам поголема поддршка од 80 пратеници за уставните измени, и нивно изгласување кон средината на јануари, вели премиерот Заев. Нема ништо заткулисно, ниту пак страшно во предлог- амандманите. Македонскиот идентитет и јазикот се загарантирани, истакна шефот на Владата. За ВМРО-ДПМНЕ, текстот на законот за помирување е селективен и не може да биде поддржан...

Правиме максимални напори во средината на јануари да ја изгласаме конечноста на уставните амандмани, изјави премиерот Заев. За нив очекува поголема поддршка од 80 пратеници. Шефот на Владата тврди дека нема ништо заткулисно, ниту пак, страшно во предлог- амандманите. Македонскиот идентитет и јазикот се загарантирани. Порача- грчкиот министер Каменос да му даде шанса на Преспанскиот договор, а бенефитите од неговата имплементација, како што рече, ќе се видат по неколку месеци.

Од независната пратеничка група, пак, велат дека ќе гласаат за законите за кои е потребно двотретинско мнозинство.

Шефот на Владата уверува дека Законот за амнестија предложен од собраниското тело за помирување, е според препораките на меѓународната заедница и дека нема мешање во правосудсвото.

Заев вели, ако се изгласаат уставните измени и со 120 пратенци, а има какво било влијание во правосудството, тогаш, ќе има земји- членки на ЕУ што тоа ќе го користат како аргумент и почетокот на преговорите за Македонија веројатно ќе биде доведен во прашање.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ децидни, нема поддршка за неселективната правда.

Заев вели дека е подготвен на дуел со Мицкоски, но под услов тој да се изјасни за ЕУ и НАТО со поддршка на Преспанскиот договор. Од ВМРО-ДПМНЕ го повикаа Заев, тој да избере каде да биде соочувањето. Му порачаа да не бега зад, како што рекоа, паушални изјави и барања.

 

Наташа Гркова- Петрушевска