Здравство

Заврши четиридневниот протест на Клинички

14.12.2018 14:55

Заврши четиридневниот протест на Клинички, синдикалците решија во догледно време да се сретнат и да преговараат со премиерот Заев. Барањата остануваат исти, во однос на линеарното зголемување на платите за сите вработени, но не сакаат да внесат расцеп меѓу вработените во оваа установа...

Четиридневниот протест на вработените во Клиничкиот центар заврши. За околу две недели, синдикатот ќе преговара со премиерот Зоран Заев за изедначување на процентот на платите за сите медицински работници. Велат, селективното зголемување доведува до раздор меѓу вработените, а тоа најмногу ќе го почувствуваат пациентите.  

„Медицинскиот тим мора добро да соработува и да нема раздор, сето тоа ќе го намали квалитетот на здравствената услуга, сето тоа ќе го почувствуваат пациентите. Ова е предупредување до власта да не го прави тоа“, изјави Стојка Наќевска, лаборант.  

„Сите ние овде сме во еден систем не може да постои поделба на вработените, јас сум за тоа дека треба да постои комплетно исто зголемување за сите вработени во Клиничкиот центар. Доколку не постојат финансии за тоа, тогаш ќе оставиме простор како мислат во Владата и во ресорното министерство да ги зголемат платите во Клиничкиот центар“, изјави Ивица Апостолов, лаборант.

Ресорниот министер Филипче веќе оствари средба со здравствените работници, но рече оти за 2019-ти година е достигнат максимумот за покачување на платите. Им закажа средба со премиерот.

„Влегуваме во преговори за платите кои се нашиот најбитен дел од барањата. Незадоволството на вработените на Клиничкиот центар е поради тоа, што тие коефициенти, проценти на покачување за 2019-ти година не се соодветно и еднакво распоредени“, изјави д-р Горан Беговиќ, претседател на синдикатот на Клинички центар.

Премиерот Заев вели дека е направен исчекор во однос на платите во здравството. Најави дека во септември, повторно ќе има зголемување за 5 проценти и посочи дека треба да се имаат предвид можностите на државата. Заев потврди дека ќе има средба со синдикалците. Тие го почнаа протестот поради најавеното зголемување на цената на паркингот во комплексот Клиники. Се бара решение за проблемот.

„Во тек се разговорите, ние немаме претензии, ниту илузија дека таму треба да останеме, на крајот на денот доколку Клинички одлучи тоа да го направи, градот нема ништо против“, изјави градоначалникот Шилегов.

Протест на вработените во Клиничкиот центар почна во вторникот.

 

Андријана Атанасовска