Регион

Новата војска на Косово предизвикува тензии

14.12.2018 15:21

Во регионот се појави нов воен фактор- војската на Косово. Ќе има 8 илјади припадници, белград се спротивставува на денешното гласање во Парламентот во Приштина. Српската листа на Косово е против, но не и Вашингтон и Лондон. Вучиќ во наредните 72 часа ќе престојува во безбедносната зона на југот на Србија...

Денот во Белград и во Приштина е означен како „Ден Д“. Возила на КФОР се распоредени на мостот кој ја дели Косовска Митровица на северен и јужен дел, а хеликоптери на НАТО ја надлетуваат приштина. На мостот е присутна и косовската полиција. Косовската влада им го честита на своите граѓани формирањето на војската, за која гарантира дека заедно со сојузниците од НАТО, ќе биде единствено во служба на демократијата, безбедноста, мирот и развојот на Косово, регионот и каде и да е потребно.

Српскиот претседател вучиќ изјави дека не разбира како некој на светот може да го одобри формирањето војска, што е во спротивност на сите меѓународни акти. Премиерката Ана Брнабиќ, пак рече дека ова е многу тежок ден за неа кој не придонесува за стабилноста во регионот.

„Србија ќе продолжи да чекори по патот на мирот, стабилноста и просперитетот за сите граѓани на Србија и регионот. Верувам дека Србија не може да биде стабилна во нестабилен регион. Треба да зборуваме за создавање подобра иднина. Србија ќе продолжи да ја трансформира економијата, да инвестира во науката, културата и креативните индустрии, ќе продолжи да инвестира во иднината“, изјави премиерката Брнабиќ.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг рече дека жали што косовскиот парламент донел одлука за трансформација на војската и покрај загриженост од алијансата. Европската унија повтори дека го дели ставот на НАТО, дека трансформацијата на косовските безбедносни сили требало да биде извршена низ иклузивен процес, согласно косовскиот Устав. Унијата очекува Косово да продолжи да се придржува кон своите обврски, во согласност со првиот договор постигнат во Брисел во 2013 година.

Американскиот амбасадор на Косово, Филип Коснет напиша дека безбедноста на една земја зависи од квалитетот на односите за безбедност, мирни односи со соседните земји, но и од професионализмот на нејзините безбедносни сили.

Косово ќе брои 8- илјадна војска, а американците веќе го испратија на приштинскиот аеродром првиот контингент од 50-на воени возила хамери.

Во претходните денови во градот беа поставени голем број американски знамиња, а од изутрината покрај албанските се веат и националните симболи на Германија, Велика Британија, Италија и Франција.

Марина Ристова