Њујорк

Седница на Советот за безбедност за Косово

17.12.2018 13:03

Косово продолжува со радикални потези кои му штетат на преговарачкиот процес во Брисел, оценува официјален Белград. Назначувањето на Фатмир Лимај за шеф на преговарачите и основањето војска, се против интересите на српскиот народ, вели Вучиќ. Војската ќе ги штити сите граѓани, возвраќа Тачи во пресрет на денешната седница на Советот за безбедност во Њујорк...

Советот за безбедност на Обединетите нации на седница по одлуката на официјална Приштина за транформација на безбедносните сили во војска. Заседанието се одржува на барање на Русија и на Србија. Претседателот Александар Вучиќ вели дека неговата земја ги исполнила сите услови од Бриселскиот договор, а косовската страна ниту еден.

„Војската на Косово е формирана против интересите на српскиот народ. Таа не може да ја загрози нашата војска, но може да го загрози опстанокот на нашиот народ. Сѐ спротивно на она што го зборуваше Тачи“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.

Претседателот на Косово, Хашим Тачи вели дека нивната војска не претставува закана и не треба никого да плаши. Според него, изгласувањето на резолуцијата за дијалогот со Србија во косовското Собрание претставува чекор напред кон нормализирање на односите меѓу Приштина и Белград.

„Косовската војска, како и косовската држава ќе биде мултиетничка и професионална и ќе биде во служба на сите граѓани на Косово, за мир на Косово и во регионот. Ние ќе продолжиме да работиме со нашите партнери. Исто така уште еднаш мора да ја потенцирам потребата од постигнување мировно решение меѓу Косово и Србија“, изјави Хашим Тачи, претседател на Косово.

Тачи оцени дека Приштина сега треба да се насочи кон обезбедување членство на Косово во ОН. Седницата на Советот за безбедност е отворена за јавноста, а во меѓувреме, албанската дијаспората во САД најави протест пред седиштето на Обединетите нации, со барање Советот да ја осуди Србија поради наводен геноцид за време на конфликтот на Косово.

 

Марина Ристова