Саливан: САД силно го поддржуваат Преспанскиот договор
Америка стои зад народот на Македонија и секогаш ќе ја поддржуваме интеграцијата во НАТО и во Европската унија. Не е тајна дека Русија се спротивставува на Договорот од Преспа, порача американскиот заменик- државен секретар Саливан, по средбата со премиерот Заев во македонската Влада. Успешната завршница во Собранието е нашиот билет за влез во НАТО, изјави Заев...
Силна поддршка за Преспанскиот договор и за Македонија да го добие заслуженото место во НАТО, ова е пораката од американскиот заменик- државен секретар, Џон Саливан кој допатува во Скопје.
Вториот човек на Стејт Депарментот очекува договорот да биде ратификуван и во Грција. Вашингтон очекува Македонија да ги продолжи реформите и да придонесува за регионалната соработка.
Попладнево Саливан има средба и со претседателот Иванов, а потоа ќе одржи и предавање пред студентите на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
