Евроинтеграции

Романија е долгогодишен поддржувач на Македонија, охрабрување за реформите и Договорот од Преспа

18.12.2018 12:59

Од наредната година, од јануари до јули, Романија го презема од Австрија претседавањето со Европската унија. Букурешт е долгогодишен поддржувач на Република Македонија, ние ја охрабруваме Владата и Собранието во преземањето на обврските од реформите и спроведувањето на Договорот од Преспа- изјави романскиот министер за европски прашања Чамба на средбата со министерот за евроинтеграции Османи. Разговарано и за евроатлантските перспективи на Балканот...

Охрабрување за спроведување на реформите и Преспанскиот договор. Букурешт со поддршка на Македонија и на регионот и за време на претседателствувањето со Унијата. На чело на големото семејство застануваат на први јануари.

Министерот делегиран за европски прашања на Романија, Џорџе Чамба рече дека ќе се залагаат за кохезија, единството во Европа. Посочи, на проширувањето да се гледа како на една од најуспешните политики на Унијата.

Вицепремиерот Османи нагласи дека Романија е долгогодишен поддржувач на македонските евроатлантски интеграции. Денешната посета за него е показател за поддршката и во следните шест месеци.

Домаќинот реферирал за напредокот во имплементацијата на Договорот со Грција, за Планот 18 и за другите реформски активности поврзани со имплементација на препораките на Европската унија и соодветните тела.

На европските самити во јуни следната година, очекуваме потврда на одлуката за почеток на преговори, му порача Османи на Чамба, со што, како што рече, Романија ќе биде запишана во историјата на Македонија како земја под чие водство Брисел ќе ги почне преговорите со земјава.

 

Наташа Гркова- Петрушевска