Здравство

Детскиот ургентен центар не функционира три години

18.12.2018 13:12

Недостиг од персонал, пред се детски специјалисти и сестри се причините што Детскиот ургентен центар не функционира веќе три години. Наместо итни случаи, се вршат лабораториски испитувања. Медицинскиот кадар студира и заминува од земјата поради ниските плати...

Единствениот Детски ургентен центар во земјава не е во функција веќе три години. Затворен е поради недостиг од кадар. Менаџментот на Клиниката вели, нема специјалисти по педијатрија, но и медицински сестри. Местото предвидено за ургентни случаи, сега е лабораторија. Децата со тешки болести се мешаат со пациенти болни со вируси и инфекции.

„Тогаш кога ќе имаме можности, кога ќе имаме специјалисти по педијатрија и кога ќе имаме средно медицински кадар ќе го пуштиме во функција. Ако поминете низ субспецијалистичкиот дел ќе видите дека нема голема фрекфенција. Сепак „Мој термин“ функционира, децата кои што доаѓаат на консултации во другите амбуланти доаѓаат во закажаниот термин нема големо мешање и тоа не е голем проблем за згрижување. И претходно вака сме функционирале“, вели д-р Катерина Ставриќ, директор на Клиниката за детски болести.

Одливот на кадар продолжува, уште тројца специјалисти по педијатрија го напуштиле тимот на детската клиника. Дополнителен проблем е тоа што ова е дефицитарен кадар во земјава.

„Насекаде низ Македонија вработени се голем број на доктори и медицински сестри. Бројката од почетокот на годината е некаде околу 2.300. Распишавме околу 250 специјализации најкритично беше со специјалностите по педијатрија и анестезиологија, заради недостаток на ментори. Правиме сѐ што можеме да го зајакнеме системот“, изјави министерот Венко Филипче.

Ургентниот центар беше отворен пред пет години, функционираше само две. Беше донација од турската агенција ТИКА.

 

Андријана Атанасовска