Почна повлекувањето на американските трупи од Сирија

20.12.2018 11:07

Шок меѓу сојузниците. Американските трупи се повлекуваат од Сирија. И додека курдските сили се чувствуваат напуштени во регионот, задоволство во Москва, Техеран и Дамаск. Лондон негодува...

Белата куќа соопшти дека САД почнале со повлекување на трупите од Сирија. Претседателот Доналд Трамп во видео обраќање ја образложи одлуката изјавувајќи дека Америка ја поразила тамошната терористичка група- Исламска држава.

„Долго време се боревме во Сирија. Јас сум претседател речиси две години. Победивме против Исламската држава. Ја  вративме земјата. Сега е време нашите војници да се вратат дома. Тешко ми е кога морам да напишам писма или да се јавам кај родителите или жените и мажите кај војници кои кои загинале борејќи се за нашата земја. Тоа е голема чест, но ни ги крши срцата. Така што, нашите момчиња и девојки се враќаат дома веднаш. Победивме“- рече претседателот Трамп.

Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс во соопштение истакна дека веќе почнало повлекувањето на американските трупи дома, додавајќи дека поразот на ИСИС не значи крај на кампањата на коалициските сили во Сирија. Сандерс истакна дека САД и сојузниците се подготвени за повторно ангажирање на сите нивоа да ги бранат американските интереси кога и да треба.

Повлекувањето на трупите значи ненадејно менување на американската воена стратегија во регионот. Секретарот за одбрана Џим Матис и други високи американски претставници се залагаа за долгорочно присуство во Сирија со цел да се обезбеди Исламската држава да не се појави повторно како сила на Блискиот исток. САД имаат околу 2.000 војници во Сирија, кои соработуваат со Алијанса на курдски и арапски паравојски познати како Сириски демократски сили.

Одлуката на Трамп ги шокираше сојузниците. Британската влада смета дека заканата останува и покрај предностите направени спрема Исламска држава во последните неколку дена. И додека курдските сили се чувствуваат напуштени поради одлуката на Вашингтон.  Дамаск, Москва и Техеран се пријатно изненадени од повлекувањето.

Сепак САД остануваат со значително армиско присуство во регионот, вклучувајќи повеќе од 5.000 трупи во Ирак.

Марина Ристова