Уставниот закон за спроведување на амандманите на дневен ред во матичната комисија
Во Собранието, седница на Комисијата за уставни прашања. Изгласани се предлог-амандманите. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не беа во салата. Власта очекува двотретинско мнозинство и во последната фаза. Денеска на дневен ред е Уставниот закон за спроведување на амандманите...

Уставниот закон за спроведување на амандманите за измени на Уставот, согласно Договорот од Преспа, денеска е на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за уставни прашања, која вчера ги изгласа сите четири предлог- амандмани за уставни измени.
На вчерашната седница не присуствуваше опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски претходно најави дека тие нема да учествуваат во натамошните фази на процесот за уставни измени кој, како што рече, е повеќе фарса.
По јавните дебати нема големи промени на четирите амандмани. Со првиот амандман се предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија“ да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36, кој има историски апсект.
Со вториот во Преамбулата на Уставот зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ” и се додава Охридскиот рамковен договор.
Во третиот се наведува дека „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“, а четвртиот се однесува на иселениците и во него се предвидува дека „Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината, а оти притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“.
По завршувањето на дебатата во Уставната комисија, предлог амандманите треба да бидат разгледани и изгласани на пленарна седница.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери најави дека се очекува таа да биде закажана по божикните празници, најрано на 9-ти јануари. Се очекува целиот процес на уставни измени да биде завршен во средината на јануари.
Уставните амандмани во третата фаза се носат со двотретинско мнозинство.
