Продолжува судењето за собраниските настани од 27-ми април
На денешното рочиште треба да бидат изведени околу стотина аудио разговори и фотографии предложени од Нинџа доколку бидат доставени од обвинителството, а изведувањето на доказите од Чавков, Лазаров и Пепиќ зависи од тоа дали ќе биде дозволена нивна декласификација.

Со изнесување дополнителни докази на дел од обвинетите во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжува судењето за настаните од 27-ми април минатата година во Собранието на Република Македонија.
На минатото рочиште дополнителни докази предложи одбраната на обвинетите Крсто Мукоски, Митко Чавков, Душко Лазаров, Мунир Пепиќ, Игор Југ и Александар Василевски Нинџа.
На денешното рочиште треба да бидат изведени околу стотина аудио разговори и фотографии предложени од Нинџа доколку бидат доставени од обвинителството, а изведувањето на доказите од Чавков, Лазаров и Пепиќ зависи од тоа дали ќе биде дозволена нивна декласификација.
За случувањата во Собранието обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.
Претходно поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Сашко Марковски постапката за него беше одвоена.
Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.
