Иванов го потпиша Законот за амнестија

21.12.2018 12:46

Тече рокот од пет дена за пријавување на обвинетите за случувањата во Собранието на 27-ми април минатата година.

Претседателот Ѓорге Иванов го потпиша Законот за амнестија, и тој од вчера е објавен во „Службен весник“. Тече рокот од пет дена за пријавување на обвинетите за случувањата во Собранието на 27-ми април минатата година.

Законот за амнестија, на 18-ти месецов беше донесен со 95 гласа „за“, ниту еден „против“ и ниту еден воздржан.

За случувањата во Собранието на 27-ми април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.