Одбиен планот на Трамп, блокадата останува
По гласањето на две мерки, Сенатот не успеа да добие 60 гласа за ниедна од нив, со што продолжува блокадата на Владата која надмина период од еден месец. Демократите и републиканците во нов обид за наоѓање решение за излез од кризата во администрацијата. Претседателот Трамп е подготвен да ја укине блокадата доколку постигнат разумен договор...

Американскиот Сенат не усвои ниту еден од предложените текстови со кои се предвидуваше укинување на делумната блокада на Владата. Планот на претседателот Трамп за излез од финансиската криза која влезе во 34. ден не доби доволен број гласови. За усвојување беа потребни 60, а републиканците имаат 53 од 100 места во Сенатот. Предложија деблокирање и финансирање на владата до септември, но во тој предлог е и барањето на Трамп за изградба на ѕид на границата со Мексико, нешто што демократите категорично го отфрлаат.
Доналд Трамп • Претседател на САД
Мич Мекконел и Чак Шумер продолжуваат да одржуваат состаноци, ќе видиме што ќе се случи по нив. Можеби ќе успееме привремено да ја отвориме владата.
Со 52 гласа „против“, Сенатот го одби и текстот на демократите кои предлагаат финансирање на владата до 8 февруари за да успеат во тој период да одржат дискусии за безбедноста на границата. Додека се водеше жестока расправа во Конгресот, министерот за трговија, Вилбур Рос даде изјава која предизвика лавина коментари и кај демократите и кај граѓаните. Тој им порача на работниците кои поради блокадата не добиваат плата, да земат заем од банките, а не да одат во јавни кујни. Лидерот на Претставничкиот дом Ненси Пелоси го обвини мултимилионерот за бесчувствителност.
Вилбур Рос • Министер за трговија
Ако добро размислите, ова се заеми со гаранции од владата, зашто владата е обврзана да им даде на овие луѓе плата кога ќе се средат работите. Не постои добро оправдување дека мора да има криза во ликвидноста. Точно е дека луѓето ќе мора да платат мала камата, но не е вистина дека мора да бираат само меѓу плата или ништо.
Делумната блокада опфаќа 800 илјади вработени низ САД кои се или на принуден одмор или работат без плата. Решение засега не е на повидок, бидејќи демократите и републиканците не покажуваат подготвеност за отстапка.
