БАНГЛАДЕШ

Мртви и повредени во голем пожар во Дака

21.02.2019 14:49

Речиси 80 лица загинаа, а 50 се повредени во пожар во станбена населба во Дака, главниот град на Бангладеш. По деветчасовна битка со огнот, пожарникарите успеаја да го стават под контрола. Се очекува дека бројот на жртвите ќе се зголемува бидејќи пожарот бил активиран на фреквентна локација и брзо се проширил.

Жртви и повредени во голем пожар во станбена зграда во Дака, Бангладеш. Огнот избувна во објект каде што имало запаллив материјал на приземјето, поради што пожарот брзо се проширил. Не успевајќи да побегнат од пламените јазици, животот го загубија станари, случајни минувачи, гости во угостителски објект и на свадбена прослава. Неколкумина се во критична состојба.

Шакил Неваз - Директор на цивилна заштита

Телата се испратени во медицинскиот центар. Операцијата за гаснење на пожарот е завршена. Ги пребаравме остатоците од изгорениот објеткт.

Хазу Мохамад Салаудин - Повреден

Таа точка кај џамијата беше блокирана. Видов двајца волонтери, им даваа насоки на моторџиите за да се намали сообраќајот. Со свои очи видов експлозија и пожар кои го уништија надворешниот ѕид.
 

Историскиот округ Чокбазар има тесни улички и збиени згради што го отежнува пристапот на противпожарните екипи. Областа е една од најважните во Стариот град основан пред 4 столетија. Седиште е на хемиски компании и на фабрики за производство на парфеми, иако властите по смртоносниот пожар во 2010 година забранија оставање на материјали во приземјата.

Пожарите се чести во Бангладеш, пред се, поради непочитувањето на безбедносните прописи. Во последните години загинаа неколку стотици луѓе.