Обештетување на лозарите според откупните цени
Лозарите на кои винарските визби им должат за купениот род им следува исплата од министерството за земјоделство во висина на просечната откупна цена на винското грозје од 2014 до 2016 година. Лозарите кои по судски пат ќе ги добијат пари од винариите, државните пари ќе треба да ги вратат во буџетот.

Дополнителната финансиска помош се однесува за предаденото, а не платено винско грозје од 15 август 2014 година до 15 ноември 2016 година.
Висината на помошта се утврдува според сортата на продаденото винско грозје која не е повисока од просечната откупна цена утврдена по килограм, односно за смедеревката 10, Вранецот 12, Шардонето 15, Темјаниката 20, Мерлот 14 и за Станушина и Ризлинг по 11 денари за килограм.
Вкупната сума која е предвидена за оваа намена е 120 милиони денари. Податоците ќе ги обезбеди Државниот инспекторат за земјоделство кој треба да ги достави до платежната Агенцијата.
Лозарите кои ја добиле дополнителната помош, парите ќе треба да ги вратат во државниот буџет ако во периодот од три години од денот на исплатата врз основа на судска одлука или враќање на долгот од винариите ги добиле парите во намален или зголемен износ на име надомест на штета.
