Нов рок за субвенции за индустриското јаболко
Производителите на индустриското јаболко добија продолжен рок за дополнителната субвенција од 3 денари доколку со преработувачите не се испазарат за повисока цена од 5 денари за откупен килограм. Мерката е поради послабиот квалитет на јаболкото од минатогодишниот род со што и поголемиот дел од производството ќе треба да оди во фабриките за сокови.

Лошото време минатата година го намали кавалитетот на ресенското јаболко. Иако се очекуваат високи приноси од скоро 150 000 тони, овоштарите сепак се загрижени дека голем дел од родот наместо на пазар и на трпеза, поради оштетувањата од градот, ќе мора да го понудат на конзервната индустрија за сокови и преработки.
За да се ублажи состојбата, добиена е интервентна субвенција од три денари за килограм.
Овие пари беше предвидено да ги добијат сите производителите на јаболко што ќе го предадат своето производство како индустриско кај регистрирани откупувачи најдоцна до 25 декември 2018 година.
Со новото продолжување мерката сега ќе важи до 30 јуни 2019 година.
До новиот рок се очекува да се дооткупат скоро 30.000 тона јаболка, или уште нови 90 милиони денари за производителите. Досега се купени 45 илјади килограми јаболко, што е 2 до 3 пати повеќе од претходните години.
