Лондон доби два рока за Брегзит
Лидерите на земјите-членки на Европската Унија постигнаа договор за одложување на Брегзит... Понудени се два термина пред почетокот на изборите во Европарламентот кои се одржуваат на крајот на мај.... Заклучокот на Брисел е дека јунскиот рок што го предложи Британија бил ризичен и можел да предизвика политички и правни последици...

По маратонски преговори, ЕУ го прифати барањето на Обединетото Кралство за одложување на датумот за излез од блокот, но не и терминот на 30 јуни. За Брегзит, Британците треба да изберат меѓу 12 април или 22 мај. Причина за поместување на датумот се изборите за Европскиот Парламент. Според нацрт-заклучокот, ЕУ се обврзува дека пред 29 март, денот кога велика Британија треба да се повлече од европското семејство, ќе одобри одложување до 22 мај, под услов Договорот за разделба да биде потврден идната недела во Вестминстер.
Жан Клод Јункер - Претседател на Европската Комисија
Уште од денот на референдумот, ставот на 27-те земји-членки на ЕУ беше обединет и едногласен. Неуморно работевме за да преговараме за Договорот за повлекување. Направивме сѐ што можевме за да стигнеме до целта.
Доналд Туск - Претседател на Европскиот Совет
Европскиот совет се согласува на продолжување до 22 мај, доколку Договорот за повлекување биде одобрен од Долниот дом идната недела. Во спротивно, Европскиот совет се согласува на продолжување до 12 април.
Премиерката на Обединетото Кралство Меј предупреди дека е неопходно брзо решение во Вестминстер за да се избегне учество во европските парламентарни избори коишто по референдумот за Брегзит не треба да бидат и натаму обврска на Британците.
Тереза Меј - Премиерка на Обединетото Кралство
Ако Парламентот не постигне договор идната недела, Европскиот совет го проширува Членот 50 до 12 април. Во тој момент, или заминуваме без договор или изнесуваме алтернативен план. Ако ова вклучи и дополнително проширување, ќе значи и учество во Европските парламентарни избори. Ќе биде многу погрешно да се бара од нас да учествуваме во овие избори, три години откако изгласавме излез од Унијата.
Парламентот во Вестминстер два пати го отфрли компромисот склучен помеѓу Меј и другите 27 земји членки на Унијата.
Maja С. Филдишев
