Државниот врв го доби извештајот на ЕК, се бара датум за преговори
Европската комисија ги препозна напредокот и храбрите одлуки. Извештајот на Брисел реално ги отсликува состојбите , на потег е Советот да одреди датум за почеток на преговори во јуни – ова е ставот на државниот врв, откако евроамбасадорот Жбогар го предаде документот од Унијата.

За првпат, тоа беше направено на состанок на којшто на една маса седнаа претставници на законодавната, извршната и на судската власт. Претседателот Пендаровски рече дека земјава го добила најдобриот извештај досега и оти е потребно интензивирање на реформите. Европа денеска покажа дека знае да цени политичка храброст и компромисно решавање на тешките прашања во духот на европските вредности и политиките на добрососедство и оти знае да го цени спроведувањето на клучните реформи, рече шефот на државава. Пендаровски побара Советот да го валоризира сработеното.
„Наместо да биде колекционер на позитивни извепштаи, очекувам Северна Македонија да добие фер шанса и да се трансформира преку отворање на секое поглавје од пристапните преговори. Секое дополнително одложување на започнувањето со преговорите ќе влијае демотивирачки на нашето општество и ќе има сериозни импликации врз спроведувањето на европските процеси“, изјави Стево Пендаровски, претседател на државата
Според првиот човек на Законодавниот дом, земјава целосно ги исполнила препораките од Самитот на Европската унија. Затоа, Џафери очекува Извештајот да биде крунисан со датум за старт на преговори, со што Унијата ќе докаже дека опстојува на политиката на отворени врати.
Премиерот Заев вели дека со задоволство ги примиле позитивните оценки, а со внимателност ги прифаќаат и забелешките, кои како што рече, ќе ни помогнат да бидеме уште поуспешни.
„Испорачавме реформи и обезбедивме одлични односи со соседите по сите стандарди. Покажавме политичка зрелост и европски манири, нашето време во чекалната го искористивме за да се подготвиме за пристапните преговори. Подготвени сме и политички и институционално, и целосно како општество. Наскоро ќе го комплетираме тимот за преговори. Нашите задачи ги исполнивме од прва да последна и целосно сме подготвени за почеток на преговорите. На потег се државите – членки и институциитена ЕУ, на потег е Европа да испорача одлука и доверба врз основа на нашите заслуги“, изјави Зоран Заев, претседател на Владата
Евроамбасадорот Жбогар рече дека има промена во начинот на размислување, а тоа се покажува преку фактот што на една маса седнале претставници од сите партии и засегнати страни.
Новинар: Мартин Пушевски
