АВТОМОБИЛИЗАМ

Рекорд на ридско брзинските трки на Водно

22.07.2019 11:22

Изминатиов викенд на Водно се одржа 37. Меѓународниот ридски натпревар во автомобилизам кој се бодува за ФИА централноевропската зона.

На натпреварувањето кое се одржа вчера, македонскиот најуспешен натпреварувач и европски шампион во трките од оваа категорија, Игор Стефановски Иџе, постигна рекорд од 02:02:09. Постигнатото време е за две секунди подобро од последниот рекорд.

Интересно е тоа што за првпат во историјата на ридско брзинските трки на Водно, Македонец е сопственик на поставен рекорд. Според шампионот Стефановски, конечно е исполнет сонот. Постигнат е долго посакуваниот рекорд.

-Ми беше криво што натпреварувачи од други земји го имаа рекордот на патеката, која беше главна за моите почетоци во автомобилскиот спорт. Јас го имав македонскиот рекорд, но не и севкупниот рекорд на оваа патека. Конечно мисијата е завршена. Јас како Македонец сум горд што го имам и македонскиот, но и рекордот на оваа патека воопшто. Им се заблагодарувам на луѓето од мојот тим. Тие овозможија овој автомобил кој е подготвен за друг вид на натпреварување, да се приспособи за да можам да настапам на оваа трка, изјави Иџе.