Подготовки за есен на домот и на дворот
Летото е веќе при крај и добро е да се прилагодиме за постудените ноќи и денови во наредните месеци.

Сега е вистинско време да се вароса и исчисти куќата, да се бојадисаат просториите и одредени предмети и делови од мебелот. Пожелно е да се исперат и исчистат сите подни простирки доколку ги имате, од сите наталожени мириси и нечистоти. Ако имате домашни миленичиња, тоа се прави и почесто. Доколку имате гаража и таа треба да се среди како и подрумите.
Важно е да се затворат сите пукнатини, особено во куќите. Освен што ќе спречат студен воздух, затворањето пукнатини спречува влез на инсекти и глодари. И сметките за греење ќе ви бидат помали. Исто така е важно да се проверат сите прозори и врати дали добро дихтуваат и каде треба да се залепат траки или евентуално да се променат целосно. Важно е пред почетокот на есента да се проверат и сервисираат грејните тела, за да не ве изненадат кога ќе биде многу постудено. Ако имате радијатори исто така треба да се проверат, пред грејната сезона. Доколку имате оџаци важно е да се исчистат и за да се греете подобро, но, и да се заштитите од пожар кој може да го предизвикаат наслагите во внатрешноста на оџаците. Неисчистените оџаци може да ви ја зачадат куќата. Навреме треба да се исчистат и олуците поради претстојните дождови. Треба да се исчистат и дворовите и да се проверат надворешните страни на куќата дали треба нешто да се поправи. Ако имате далекувод во близина проверете дали некои гранки и растенија му пречат. Треба да се исечат, за да не се случи хаварија во сред зима.
Сите летни апарати треба да се сервисираат и подготват за есен и зима. Треба да се испразни горивото од косилките и добро да се исчистат сите алати за во градината. Уште малку па треба да се угасне и дотокот на вода во фонтаните и базените во дворовите ако ги имате. Треба да се исчисти и скарата во дворот , за да биде во фукција во првата наредна прилика кога ќе ви затреба. Треба да се провери или поправи осветлувањето во дворот зашто ќе ви треба поради покусите денови.
Ако имате двор или тераси и мебел на нив потребно е да го заштите или да го тргнете да не биде изложен на временски неприлики. Проверете ги можностите и направете план каде и како ќе ги заштитите.
Направете добар план колку време ви е потребно да го направите сето ова за есента да ја дочекате подготвени и релаксирани, во период кога повеќе време се поминува дома.
