ОДБОЈКА

Европско првенство - Љубљана (Група Ц)

11.09.2019 21:09

Елитен предизвик за македонските одбојкари

Македонските одбојкари ќе играат на 31-то Европско првенство и тоа е факт, не обичен, туку за историја. Како дебитанти сами ги формираа очекувањата, целта повеќе е желба отколку обврска, она што е задолжително е срце на терен, борба за секоја топка како за живот, максимум и против џиновите. Двата љубљански дена не можатспецијално да влијаат на формата, нема да ја истераат ниту тремата, таа ќе биде присутна најмалку до првиот сервис или прием, но се добредојдени нашите одбојкари да се почувствуваат како како е да се биде дел од континенталната елита.

„Уживаме, но не сакаме да бидеме само обични учесници, сакаме и да победуваме“ вели Никола Ѓорѓиев.

Единствениот тренинг во Арената Стожице повеќе послужи македонските репрезентативци да се прилагодат на нејзината големина. Главна сега е анализата на првиот противник, Финска.

„Нема што да се плашиме од Финска, тоа е добра репрезентација, но од наш ранг. Треба да бидеме агресивни, да ги намалиме грешките, да се бориме за секоја топка. Тие играат мудро, но имаат проблеми со високите топки. Очекувам ова да биде наш ден, да биде убав ден“, оптимист е капитенот

Финците се осумнаесеттипат на ЕП, но паметат и поубави времиња, како 2007-та кога беа четврти. Не се непобедливи, сега ќе се прашува и црвено - жолтиот противник од другата страна на мрежата.

Мотив, борбеност, храброст, се разбира и квалитет, но и уживање во дуелите со Финска во четврток во 17.30, со Турција, Русија, Белорусија и со Словенија, тоа е миксот што треба да ги носи нашите одбојкари низ групата Ц и до исполнување на вториот дел од сонот, пласман во осминафиналето.