БАЛЕТ

Балетот АНА КАРЕНИНА и оваа сезона повторно на репертоарот на Националната опера и балет

11.09.2019 19:52

Создавањето на ново уметничко видување кое за драматуршка предлошка ги содржи делата на двајцата великани на Руската и светската уметност и култура Лав Николаевич Толстој и Петар Илич Чајковски е навистина голем предизвик.

Романот „Ана Каренина“, едно од најпознатите литературни дела од крајот на 19 и почетокот на 20 век често пати претставувало инспирација за многу театарски и филмски креации. Со кореографскиот ракус на Лео Мујиќ  од Хрватска и костимите на Александар Хошпал овој пат е поставен на сцената на Националниот балет. Чајковски во својот раскошен опус  често својата инспирација  ја црпел  од руската и светската класика, но никогаш не искористил дело од Толстој. Сепак, за романтичната приказна како што е „Ана Каренина“ како најсоодветна е токму неговата музика во која се користени делови од прочуените Концерт за виолина и оркестар во D-dur, фрагменти од Симфонијата во b-moll, Сентименталниот валцер, Петтата симфонија во e-moll, Шестата во b-moll и Елегијата во g-moll.

 Големиот  Толстој забележал: „Таму каде што завршува љубовта, почнува омразата! Ако се обидеме во една реченица да ја кажеме суштината на приказната, тоа би била токму оваа мисла која во суштина е лајтмотив и во многу други дела.  Ана Каренина заради љубовта кон младиот Вронски, ги отфрла богатството и фамилијата, притоа игнорирајќи ги предрасудите на општествените норми на тогашна Царска Русија. За жал, за младиот  Вронски таа претствува само една авантура. Сосема отфрлена од општеството и семејството, без можност да го одгледува сопствениот син, решава да си го одземе животот. Длабоката внатрешна психолошка драма на Каренина, ратстргнатоста помеѓу љубовта и страста од една страна, строгите општествени норми, фамилијата, сопругот, синот, неуспешниот обид за развод, од друга страна, ја водат во бездната на сопствената егзистенција што  неминовно резултира со трагедија.

Да се биде жив мртовец или мртов грешник- е прашање што си го поставува и самиот Тостој. А всушност тоа е и дилемата која ја растргнува главната јунакиња: Што е животот без љубов?

Танцовата уметност не може да ја раскаже целата приказна, затоа акцентот на кореографот е ставен на ликовите, нивните карактеристики, внатрешните психолошки состојби, емоциите и  меѓусебните односи. Во овој балет , преку танцот пластично допира приказната до сите нас, не само како статички проследувачи на претставата, туку како живи суштества во ова наше современие. Преку танцот и движењата, целта е да се пренесат чувствата, состојбите на душите и меѓусебните односи на главните јунаци. Соединувајќи го академскиот балет со модерниот танцов израз, гестови и мимика, со кореографскиот и костимографсиот ракопис на Лео Мујиќ и  Александар Ношпал го допираат она вистинското и суштината на драмата: да покаже, не да раскаже.

 

Во главните улоги настапуваат:

Ана Каренина : Мими Поп Алексова Атанасовска

Вронски: Бобан Ковачевски

Каренин: Васил Чичијашвили(Грузија)

Истакнати солисти, солисти и целиот балетски ансамбл на НОБ

 

Подготви:

Татјана Грковска