Мали промени во станот со големи ефекти
Ако ви се здосади амбиентот во домот може да направите неколку мали промени кои нема да ве чинат многу како реновирање, но, ќе ви го освежат просторот. Пријатните чувства дека нешто се менува, нема да изостанат.

Еве неколку идеи за уредување кои потполно може да го променат дизајнот во домот. Една од најдобрите промени е бојосување на ѕидот можеби во контрасна и свежа боја или мирни тонови во зависност од тоа за што ви служи просторијата. Можеби некој дел заслужува да биде дотеран со некоја практична украсна тапета, плута, имитација на цигли, или пак во рустикален стил со некое килимче, таписерија или макраме. Разместување на сликите или поставување нови, исто така битно го менува амбиентот. Декорациите на самиот ѕид се многу ефектни како рељефи во форми што ви се допаѓаат, како на пример цртеж на дрво со гранки и листови, со поизразено рељефно стебло, сѐ во природни бои кои ќе се вклопат со мебелот. Разместете ги комодите, наткасните , цвеќињата ако ги имате. Може да ги промените и саксиите за цвеќиња или пак постоечките да ги ставите во поголеми украсни дрвени ли обложени со тапет во истиот дезен како и ѕидот. Или пак во контрасна боја што ќе му даде живост на просторот.
Тепихот во дневната соба ја менува доминантната боја во собата и го диктира чувството кое сакате да го постигнете. Доколку имате помали ќилими во сите соби може да ги менувате како најефтина варијанта, доколку не можете да си дозволите да купите нов.
Каучот во дневната соба не треба да биде залепен до ѕидот. Така собата ќе изгледа по пространо. Ѕидните полици се одличен начин да ја промените монотонијата на ѕидот, да ги наредите со драги украсни предмети и книги кои ви значат и пријатно ви е да ги гледите и да ви се на дофат.
Ако имате бели ѕидови може да ставите завеси во боја, но, провидни, кои ќе пропуштаа повеќе светлина, а истовремено ќе ја задржат функцијата за чување на приватноста. Помалите парчиња мебел како комоди и наткасни може да ги обложите со самолеплива фолија во друга боја и дезен. Повештите и креативните може да користат и декупаж техника што изгледа многу романтично. Ако ви е мебелот бел или еднобоен секако дека една од најдобрите промени се украсните перничиња во разни бои и дезени. Ако гарнитурата за седење е во друга боја или шарена, еднобојните бели или беж боја перничиња ќе допринесат за ефект на просторност, чистота и елеганција. Практично е да се имаат повеќе перничиња за неколку комбинации, така што почесто ќе го менувате ликот на гарнитурата за седење.
Може да поставите и разиграни огледала на повеќе места во комбинација со помали расветни тела или ламби кои и визуелно ќе да го направат просторот поголем.
Доколку ви пречат многу предмите и сте љубител на минималистички стил, тогаш исфрлете нешто или преместете ги работите онаму каде што се најмалку забележливи во просторот.
Има уште милион идеи и можности за мали и поголеми промени но секако во секој амбиент се вклопува цвеќе вештачко, свежо или саксиско што ќе му даде убава енергија на домот и сензибилитет. Не заборавајте дека меѓу најважните работи сѐ: што повеќе природна светлина, удобност и пространост за да имате чувство дека просторот дише и живее во вашиот ритам.
Соња Стојановска