Светски ден на чистите планини
Планините заземаат една петина од вкупната копнена површина на Земјата и се значајни за одржување на животот бидејќи обезбедуваат кислород, вода за пиење и претставуваат живеалишта за бројни растителни и животински видови.

Со околу 40 планини од кои 12 се повисоки од 2.000 метри, нашата земја е интересна дестинација за домашните и странски планинари. Ниту една држава во Европа, нема толкав број на самостојни планински целини и планински масиви во однос на својата површина. На сите овие планини има околу 260 впечатливи планински врвови, од кои 85 со висина од над 2.000 метри надморска височина.
Посебно се истакнуваат 10 врвови кои се воедно и меѓу највисоките во земјава: Голем Кораб (2.753 м), Титов Врв(2.747 м), Пелистер(2.601 м), Солунска Глава (2.540 м), Кајмакчалан (2.520 м), Голем Крчин (2.341 м), Црни Врв (2.257 м), Магаро (2.254 м), Зелен Брег (2.166 м) и Меденица (2.163 м ).
Инаку, првата Македонска Трансверзала е планинарска патека која се протега од Љуботен до Охрид, во вкупна должина од 225 километри и вкупна висинска разлика од почеток до крај на патеката од 6.000 метри. Трансверзалата поминува низ цела Западна Македонија, преку масивите на Шар Планина, Рудока, Враца, Бистра, Стогово, преку Караорман се до Охрид. Таа е всушност и најдолгата патека во нашата земја.
26-ти септември се одбележува повеќе од 25 години, а има за цел да укаже на значењето на планините за квалитетот на животот. Едно старо еколошко правило вели: Во планината остави ги само своите стапки, а од неа понеси го мирот и спокојството
Новинар: Анита Никушева-Јованчев
