,,Усвитени глави” под отворено небо
Во организација на КЦ 750 во парк Авионче Аеродром на 28 септември во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Усвитени глави“ на Ѓорѓе Јовановиќ.

Ѓорѓе Јовановиќ дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Реализирал повеќе проекти во чиј фокус се прашањата за интеграцијата и дезинтеграцијата на современиот човек. Во неговите дела тој ги преиспитува меѓучовечките односи во контекст на општата состојба на редефинирање на универзалните вредности, односот човек-општество и конзумеризмот како клучен фактор на модерниот начин на живот, политиката како фактор на распаѓање на градовите, државите и семејствата. Работи инсталации, перформанси, објекти, видеа, колажи и слики со цел да постигне трансформација на уметничкиот израз и индивидуална експресија, следејќи ја флуидноста на современиот контекст.
Реализирал повеќе самостојни изложби во државата и странство, а учествувал на бројни групни изложби во САД, Италија, Холандија, Франција, Шпанија, Португалија, Белгија, Финска, Египет, Грција, Србија, Турција, Словенија, Австрија и Македонија.
Добитник е на неколку награди: „Денес“ за млад визуелен уметник за 2009, наградата за видео на меѓународниот фестивал Алтернативен филм / Видео во Белград, 2009, Акто фестивал, Битола 2012 и Најдобар млад уметник на 10 Биенале на млади уметници, и наградата на Музејот на современата уметност за 2013.
КЦ 750 е мал, мобилен културен центар, заеднички проект на Иван Шопов и Владимир Лукаш. Целта на проектот, поддржан од Министерството за култура е развивање и поттикнување нови модели на искористување на јавниот простор, за културни намени. КЦ 750 преку мобилниот концепт ќе се обиде на неконвенционален начин не само да го надополни недостигот на независни културни простори и точки во Скопје, туку и да понуди децентрализирачки концепт на ширење на културата.
