ЗДРАВЈЕ

Лековити својства на горчливата диња

08.10.2019 19:49

Карела, момордика или горчлива диња е билка која има плод што наликува на краставица, со рапава површина, исклучително горчлив вкус и лековити својства.

Карела, момордика или горчлива диња е билка која има плод што наликува на краставица, со рапава површина и исклучително горчлив вкус. Потекнува од Индија, а раширена е низ цел свет. Се одгледува и во Македонија. Спаѓа во групата зелјести растенија од фамилијата на тикви. Има разгрането стебло со поединечни листови и жолти цветови. Најмногу успева во тропските предели на Азија, Африка и Јужна Америка, а во Европа дошла во 18 век. Расте многу брзо, а цвета во летниот период. Освен плодовите може да се користат и листовите, цветовите и семките кои се богати со масло.

Ова помалку познато овошје кај нас, има многу лековити својства. Една нова студија покажала дека сокот од горчлива диња, значително го намалува растот на канцерогеното ткиво бидејќи го нарушува метаболизмот на гликоза во клетките од ракот, со што буквално ги изгладнува неговите клетки без шеќерот кој е основното гориво без кое не можат да преживеат. Во последниве четири години интензивно се истражува ефектот на ова растение врз ракот.Ефектот се забележува кај рак на дојка, простата, дебело црево, црн дроб, желудник, леукемија и др. Најновата студија покажала дека сокот од горчлива диња дејствува цитоксично и на карциномот на панкреасот. Сокот предизвикува програмирана клеточна смрт на канцерогените клетки. Го онеспособува метаболизмот внатре во канцерогената клетка, која потоа нема со што да се храни и затоа изумира.

Иако растението е познато по својата лековитост, зашто има антивирусно дејство, антиоксидантни карактеристики, лек против дијабетес, антикарценогено својство, дури неодамна стана актуелно во западната медицина.

Еве кои се нутритивните својства на горчливата диња. Содржи многу малку калории, а многу витамини и минерали, како и бројни ступстанци кои поволно делуваат на здравјето и на имунитетот. Во 100 грама горка диња има само 20 калории, 4 грама јаглехидрати, од кои 2 грама влакна. Ја содржи препорачаната дневна доза на витамин Ц, Половина од препорачаната дневна доза на витамин А. Содржи фолна киселина, флавоноиди, пептиди налик на инсулин,  калиум, цинк, и железо. Освен наведените нутритивни својства плодот на горчливата диња делува како антиоксидант. Карелата има својства да  го снижува нивото на шеќерот во крвта, на вкупните триглицериди и лошиот холестерол, ги штити клетките од дејството на слободните радикали, го подобрува варењето поради присуството на влакна што ја поттикнуваат работата на цревните мускули. Горчливата диња традиционално се користела со векови. А во поново време се прават научни истражувања кои ја потврдуваат лековитата моќ на карелата. Горчливата диња е посебно ценета во Јапонија, поточно во Окинава, каде жителите се познати по својата долговечност.Таа е многу популарна во Индија и се подготвува на различни начини. Во традиционалните индиски домови се пие како свежо исцеден сок. Во аптеките и продавниците низ Индија , а во поновоо време и во Европа може да се најде ваков сок , како и екстракт од горчлива диња спакуван во капсули. Сокот е исклучително горчлив но многу корисен, но, само една чашка на ден. Доколку се претера може да биде и штетен.

Соња Стојановска