СОБРАНИЕ

Закон за правата на заедниците кои се помалку од 20 % од населението

06.11.2019 13:56

Владино решение за подобрување на состојбата со имплементација на правата на заедниците, олеснување на следењето на степенот на нивното остварување и обезбедување надзор над реализација на овие права од страна на институциите на централно и локално ниво.

Во собраниска процедура влезе Владиниот предлог на  Закон  за унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% од вкупното население преку  воспоставување посебен институционален механизам за следење, унапредување и остварување на овие со Устав загарантирани права - Агенција за остварување на правата на заедниците, која започна со работа при крајот на 2009 година.

Во текот на изминатите 10 години од донесувањето на Законот за унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20 % ( 17 јули 2008 година ). и формирањето на  Агенцијата , истата се соочила  со недостаток на инструменти и можности за исполнување на со закон превидениот мандат. Посебен проблем представувала  неможноста за обезбедување на следење, заштита и надзор врз спроведувањето на законите кои ги уредуваат правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% од населението во државата- е наведено во предлогот доставен во Собранието.

И во новиот Закон е пропишана одредба за забрана од дискриминација и асимилација, при што се нагласува  директната и индиректната дискриминација врз етничка, јазична, верска, религиозна, расна или било која основа. Од правата кои се уредуваат фокусот е насочен на образованието, правото на информирање, правата од областа на културата, правото на употреба на мајчин јазик, правото на основање на институции, здруженија и фондации, правото на употреба на симболите на заедниците, како и примената на начелото на соодветна и правична застапеност при вработување.

За извршната власт од посебна важност се надлежностите на Агенцијата во делот на следењето и анализата на состојбите со правата на заедниците и кординација со органите на државната управа и други органи, тела, здруженија и фондации.

Новиот закон заради континуитет го задржува постоењето на Партиципативниот форум кој претставува советодавно и консултативно тело сочинето од претствници на здруженијата на граѓани кои ги претставуваат заедниците. Со наведените решенија , смета предлагачот, ќе се зајакне остварувањето, унапредувањето и заштитата на правата на заедниците и ќе влијае на промовирањето на меѓуетничките односи и општествената интеграција.

Милчо Атанасов