ЛИВАДИ

Нова постапка за закуп на пасиштата

07.11.2019 10:35

Се предлага нов начин за распределба на државните пасишта. Со измените на законот се враќа старото решение, наместо владината комисија, одлуките за закуп да ги носи јавното претпријатие, а во случај кога пасиштата не се во блокови постапката да се реализира без јавен оглас.

Одлуката за избор на корисници на пасиштата треба да ја носи Јавното претпријатие, што би значело дека се предлага враќање на старото законско решение.

Со измените се предвидува и пасиштата кои не претставуваат блок со природни граници со вкупна површина поголема од 50 хектари да се  даваат на користење за период  до три години само со поднесување на барање, без објаување на јавен оглас.

Правните и физичките лица можат да поднесат барање, за напасување, покосување и одгледување на добиток и поставување на пчелни семејства.

Пасиштата се даваат во зависност од местото на живеење, односно седиштето на подносителот на барањето, времето на поднесување на барањето и бројот на добитокот.

Постапката ја спроведува комисија од Јавното Претпријатие и од Министерството за земјоделство, наместо од Владата.

Со одредбите на предложените измени и дополнувања на овој закон според предлагачите, ќе се овозможи подобра сигурност во давањето на услугите, континуитет , квалитет и евикасност во користењето на пасиштата, што во моментов не може да се овозможи во толкав обем со постојната регулатива.