БИТОЛА

Изградба на улици

07.11.2019 11:56

Изградба на улици, пешачки патеки, партерно уредување, реконструкција на училници, спортска сала и соблекувални, се дел од тековните активности на кои во моментот се одвиваат градежни работи со инвестиција на Општина Битола.

Со овие активности, се менуваат и значително се подобруваат условите на две улици и во три училишта. Градоначалничката Петровска,  информираше за динамиката на градежните работи: „Во моментот, во висина од над 4 300 000 денари, имаме зафати од поставување на бехатон плочки на повеќе локации и зафати кои претставуваат инфраструктурно подобрување во самите образовни институции.  Се работи и на ул. „Дебарска”,  пред „Јавор”, исто така, така што само за бехатон плочки имаме површина над 873 метри квадратни, или 873 000 денари. Додека, во образовните институции се работи во Гимназијата „Јосип Броз Тито”, соблекувални во ОУ Елпида Караманди, се работи во ОУ Крсте Петков Мисирков, подрачниот дел во село Кравари, а исто така се одвиваат и сериозни активности во спортската сала во ОУ Трифун Пановски. Само во училиштата имаме сума од над 3 400 000 денар. Ова што денес го работиме на оваа локација е токму по барање на месното население, кое со години наназад газело буквално во кал кога излегувало од своите домови”, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.