Хан: грешка од историски размери
Направена е грешка од историски размери, се надевам дека ќе се ревидира одлуката и ќе отпочнат преговорите со Скопје и Тирана, рече еврокомесарот Хан во обраќањето пред Комитетот за надворшени работи во Европскиот парламент.

И тој и некои европратеници оценија дека кредибилитетот на Унијата е нарушен. Укажаа оти внатрешните реформи во Блокот и процесот на преговори треба да се одвиваат паралелно.
„Се надевам дека ќе се ревидира одлуката за преговори со Скопје и Тирана“, оваа порака ја испрати Еврокомесарот Јоханес Хан во своето обраќање пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот Парламент. Повтори дека жали што земјите - членки на последниот Самит не постигнаа консензус за прашањето за проширувањето, што според Хан го загрозува кредибилитетот на Унијата и создава вакуум што би можеле да го пополнат други страни.
„Ние дадовме гаранции дека кога ќе се исполнат критериумите ќе отпочнат преговорите. Ние не ги испочитувавме нашите ветувања и се надевам дека одлуката ќе се ревидира“, изјави Јоханес Хан, еврокомесар за проширување и соседска политика
Комесарот Хан оцени дека Европската унија не може да си дозволи прво да се занимава со внатрешната реформа, а потоа да се сврти кон регионот, бидејќи тоа отвора простор за реформско назадување во државите од Западен Балкан.
„Се надевам дека ова прашање ќе биде преразгледано во блиска иднина.
Мислам дека е направена грешка од историски размери. Секогаш сум сметал дека оние кои веруваат дека се потребни реформи пред понатамошно проширување, дека треба да ги зајакнеме внатрешните правила и процедури, јас секогаш сум бил на ставот дека тие се во право, но за двата процеса е потребно време и тие мора да се одвиваат паралелно. Ако се фокусирате само на внатрешните реформи, кога тоа ќе се заврши и ќе се свртите кон проширувањето, тогаш европската перспектива на овие земји ќе ја одложите за 30 години, а тоа не е реално и кредибилно“, изјави Јоханес Хан, еврокомесар за проширување и соседска политика
Ставот на Хан го делат и голем дел од европратениците кои сметаат дека Унијата мора да биде подготвена за Самитот во Загреб. Други европратеници, пак, оценуваат дека е потребно Блокот да се реформира однатре.
„Навистина се чувствуван засрамена, со години му велев на амбасадорот на Северна Македонија „решете го само името и ќе влезете“. Тоа го велеа многумина од нас. Штетата врз нашиот кредибилитет е огромна. Сега е најважно да видиме што можеме да сториме за да го придвижиме процесот напред, бидејќи ако имаме уште еден Самит на кој ќе се урнат надежите на земјите, тоа ќе биде катастрофално“, изјави Сандра Колниете, европратечка од Летонија од ЕПП
„Во одреден момент треба да се запрашаме колку може Европа да се проширува, може ли да се прави топа бесконечно?“, изјави Тјери Маријани, европратеник од Франција од групата „Идентитет и демократија“
Хан за последен пат се обрати пред Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент во улога на комесар за проширување и соседска политика.
Новинар: Мартин Пушевски
