МИОА

Во системот има податоци за 91.653 административци

11.11.2019 14:57

Исплатени се платите на административците кои беа стопирани поради тоа што институциите во кои работат не ги ажурирале податоците во информацискиот систем. Министерот Манчевски предупредува, ова нема да биде еднократен процес, ќе се повторува секој месец. Досега има податоци за над 91 илјада 650 вработени...

Информацискиот систем за управување со човечки ресурси во институциите располага со податоци за вкупно 91 илјада 653 вработени административци. Министерството за информатичко општество и админстрација со УЈП ја блокирале платата на административците, вработени во 80 институции кои што не ги ажурирале податоците за нивните вработени. Во оваа акција не биле вклучени институциите од здравството, образованието и градинките, а пропустот во Законот за вработени во јавниот сектор ќе биде надминат со негова измена.

„Наша цел не е казнување на вработените. Затоа денеска сите тие ќе ја добијат платата за месец октомври. Но, наша цел е воведување на ред во системот и обезбедување точни податоци за состојбата со бројот и демографските карактеристики на вработените во јавниот сектор, согласно закон. Впрочем граѓаните имаат платено над 2 милиона евра за овој систем за управување со ќовечки ресурси“, изјави министерот Дамјан Манчевски.

Министерот Манчевски сѐ уште не го знае точниот број на вработени административци, но очекува до крајот на годината во системот да бидат внесени податоците за сите вработени. Стопирањето на исплата на платите нема да запре и ќе продолжи за сите оние институции што нема да ги внесат податоците, рече Манчевски, појаснувајќи дека за неполн месец на овој начин биле внесени над 32 илјади нови податоци.

Коментирајќи ги проблемите околу платите на институциите на чии директори и заменици им завршил мандатот, Манчевски изјави дека проблемот е во парламентарната Комисија за избор и именувања чиј претседател Илија Димовски не закажувал седници за назначување нови директори и раководители.

 

Свето Николовски