СВЕТСКИ ДЕН НА НАУКАТА

Потребни се поголеми инвестиции во истражувачката дејност

11.11.2019 15:00

10-ти ноември од страна на УНЕСКО е прогласен за Светски ден на науката. Поради вчерашниот неработен ден, Комисијата за наука при УКЛО денеска за прв пат се вклучи во одбележувањето на овој ден, порачувајќи дека во истражувачката дејност потребни се поголеми инвестиции.

Науката не смее да се третира како јавна потрошувачка, туку како капитална инвестиција. Но, за жал и кај нас, па и во многу поразвиени земји, таа сѐ уште е на маргините на опшеството, велат од Комисијата за наука при Битолскиот универзитет. Во првото нивно чествување на овој светски ден тие се вклучија на годинешнава тема „Отворена наука- да не оставиме никој надвор од науката“,односно нејзино поврзување со општеството и негово вклучување во научните истражувања. За нив, финансискиот механизам е клучниот за подобрување на состијбите.

Но, и покрај ваквите состојби, некој од единиците на универзитетот даваат свој поширок придонес во научното истражување. Најсвеж е примерот со Техничкиот факултет кој годинава е една од 19-те членки на Меѓународниот конзорциум кој работи на поектот „Зајакнување на преносните системи во регионални граници со користење на интелегентна пазарна технологија“.

Моменти кои годат, но и уште повеќе обврзуваат да се одговори на апелите кој ќе бидат движечка сила за уште поголеми дострели. Без тоа ќе продолжи трендот на намалување на младиот високообразован научен кадар кој во моментов на УКЛО партиципира само со десет проценти.

Стевче Митревски