Случај ОХИС

Ситуацијата во ОХИС под контрола- токсини има во цистерната, нема во воздухот

11.11.2019 15:06

Во воздухот нема отровни супстанции, траги од метил акрилат мономер има во цевките на цистерната од која се излеа токсичната супстанција во ОХИС. Од Министерството за екологија тврдат- граѓаните се безбедни, инспекциите мониторираат, препакувањето и транспортот на опасни материи се врши според критериумите...

Сите мерки се преземени и сите институции вклучени во случајот со ОХИС, вели министерот за животна средина Нуредини. Анализите од Штипскиот универзитет покажале дека нема концентрации на метил акрилат во воздухот. Остатоци се најдени само во резервоарот. Се чекаат и анализите на единиците на АРМ.

Според државниот инспектор за животна средина, Кировски течноста била излеана во бетонската када за да се спречи загадување.

Според раководителот на сектор за отпад, се работи за имот за кој не е одговорност на Министерството за животна средина, надлежните дале само насоки на компаниите за отстранувањето на отпадот.

Од компанијата ангажирана за уништување на историскиот отпад од ОХИС, велат дека се работи по процедура. Во следните месеци се планира уништување и на другиот отпад меѓу кој има две опасни супстанци - линданот и винил хлоридот.

Винил хлоридот стои во цистерна веќе 30 години и е под 24 часовна заштита поради опасност од поголема хаварија. За него веќе пет месеци се бара фирма.

 

Дијана Ценевска