Македонски народен театар

„Животот е прекрасен“ во декември ќе гостува во Белград

14.11.2019 12:15

Гостувањето се реализира во рамките на билатералната соработка помеѓу двете театарски куќи.

Македонскиот народен театар со претставата „Животот е прекрасен“ од Николај Ердман, а во режија на Александар Морфов, на 8 декември ќе гостува на сцената на Народното позориште во Белград. Гостувањето се реализира во рамките на билатералната соработка помеѓу двете театарски куќи.

Ова не е претстава за самоубиството, не е пиеса за смртта, туку за еден човек кој повторно го открива животот, открива колку животот е прекрасен. Еден човек кој доаѓа до пеколот, за да разбере, всушност, дека животот е нешто многу драгоцено. Слоевита смешно-тажна и многу раскошна постановка, која ги поставува најважните прашања на секоја епоха, имено: До кога ќе ни се потребни човечки жртви, за да се чувствуваме живи.

Актерската екипа во претставата ја сочинуваат: Никола Ристановски, Николина Кујача, Звездана Ангеловска, Сашко Коцев, Тања Кочовска, Емил Рубен, Гораст Цветковски, Славиша Кајевски, Благој Веселинов, Александар Ѓорѓиевски, Александар Михајловски, Арна Шијак, Тина Трпкоска, Александар Микиќ, Никола Стефанов, Кире Ѓоревски, Марија Новак, Драгана Левенска, Никола Кимовски, Марија Димитрова, Анастазиа Христовска и оркестарот „Раскрши се“.

На визуелниот дел на претставата работеа и сценографот  Никола Тороманов, костимографката  Марија Пупучевска  и кореографката  Инга Красовска . Премиерата на претставата „Животот е прекрасен“ беше во 2016 година.