Протоколот за прием на Македонија во НАТО помина во комисијата на францускиот парламент

20.11.2019 15:38

Ќе се чека на ратификација само уште од Шпанија, по што земјава ќе стане 30 членка на Алијансата...

Протоколот за прием на Македонија во НАТО помина во комисијата на Францускиот парламент. Се очекува утре да се најде на пленарна седница, со што ќе се чека на ратификација само уште од Шпанија, по што земјава ќе стане 30 членка на Алијансата.

Во Брисел се одржува министерски состанок на кој учествува и шефот на дипломатијата Димитров. „Битно е дека сме тука, учествуваме во работата веќе како да сме членка“- порача Димитров.

Во врска со тоа како во Брисел поминува предлогот на Франција за редефинирање на преговарачкиот процес, рече дека синоќа околу тоа прашање имал неколку разговори со министри од земјите членки кои беа на Советот за општи работи.

Има апсолутен консензус дека местото на сите земји од Западен Балкан е во ЕУ како членки и мислам дека на пат сме наместо едни наспроти други земјите да работат заедно да создадеме услови за успех и наш, и на регионот и на Европската унија. Со тоа што мислам дека треба повеќе да работиме, а помалку да ветуваме – нагласи Димитров.