Продолжува собраниската расправа за автопатот Кичево- Охрид

21.11.2019 10:36

Пратениците од власта и од опозицијата со меѓусебни обвинувања за како што велат, наводен криминал во однос на договорите за кредитирање на овој проект.

Пратениците во Собранието денеска ќе ја продолжат 116. седница на која се расправа по Предлог-законот за гаранција од државата за  Договор за заем од 179 милиони долари за дополнително финансирање на автопат Кичево – Охрид којшто ќе се склучи меѓу Експорт – импорт банката на Кина и Јавното претпријатие за државни патишта.

Пратениците од власта и од опозицијата со меѓусебни обвинувања за како што велат, наводен криминал во однос на договорите за кредитирање на овој проект.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски вчера истакна дека проценетата вредност на дополнителните финансиски средства за проектот за кој лани беше изгласан анекс на договорот од страна на Собранието, е вкупно  179.694.572 долари. Заемот ќе биде доделен со рок на отплата од 20 години и вклучен грејс период од пет години. Каматна стапка е фиксна и ќе изнесува два проценти на годишно ниво за целото времетраење на заемот.

На дневен ред на оваа седница се и Предлог законите за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, на Законот за административни службеници, на Законот за вработените во јавниот сектор, потоа на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за податоци во електронски облик и електронски потпис, сите по скратена постапка.

Меѓу точките се и Предлог законите за правата на заедниците кои се помалку од 20% од населението во Република Северна Македонија и за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и двата во прво читање.