Политика

Започна официјалната посета на претседателот Пендаровски на Република Србија

22.11.2019 11:31

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Палата Србија во Белград, беше примен со највисоки државни и воени почести од претседателот Александар Вучиќ, со што ја започна официјалната посета на Република Србија...

Претседателот Стево Пендаровски денеска и утре е во официјална посета на Србија. Во Палата Србија во Белград, шефот на државата Пендаровски беше примен со највисоки државни и воени почести од српскиот претседател Александар Вучиќ.

Како што соопштуваат од кабинетот на претседателот, двајцата претседатели оствариле тет-а-тет средба, на која ги потврдиле пријателските односи и меѓусебно разбирање меѓу двете соседни земји. Ја потенцирале важноста и посветеноста на градењето, одржувањето и унапредување на меѓусебниот дијалог. По средбата на двајцата претседатели, ќе се одржи и пленарен состанок меѓу делегациите, по што ќе следува и заедничка прес- конференција на претседателите.

Според агендата, Пендаровски ќе има одвоени средби со премиерката Ана Брнабиќ и со претседателката на Народното собрание Маја Гојковиќ, а утре во Нови Сад ќе говори на 4. Регионален младински форум. Македонскиот претседател ќе разговара и со претседателот на Стопанската комора на Србија и со бизнисмени.