Албанија

Многубројни екипи волонтери на теренот во Драч

26.11.2019 13:08

Бројни екипи волонтери се од ноќеска на терен во најпогодениот дел. Преставник на албанскиот Црвен крст, Саит Буши, за МРТ објаснува каква е состојбата сега и што им е најпотребно. Со него разговараше Душко Арсовски...

Моментално сум во Тумане, село во близина до Драч. Овде на терен се единици на противпожарната служба, итната медицинска помош, на црвениот крст и војници. Работат на три згради, целосно се уништени. Тие се во потрага по преживеани, зашто имаше многу луѓе на овој терен во моментот на земјотресот. Луѓето се во паника зашто има и други напукнати објекти. Има многу кои се ангажирани на теренот и сите се фокусирани во спасување животи.

Како вие го преживеавте земјотресот?

Јас бев во Тирана минатата ноќ. Дури и во главниот град се почувствува силно тресење на зградите. Но, од луѓето што ми кажаа овде, имало огромна паника зашто не очекувале олку силен земјотрес. Особено што беше рано наутро, кога сите спиеле.

Дали имате бројки од теренот, за обемот на штета, за бројката на повредени и исчезнати?

Засега немаме официјални бројки. Во тек е прибирање на податоците нешто поконкретно ќе имаме подоцна во денов.

Колку луѓе се на теренот и дали тоа е доволно?

Овде во ова село имаме 50 волонтери од Црвениот Крст, но за другите претставници од медицинските тимови, пожарникари,  немам точна бројка зашто се координирани од владата.

Што им е најпотребно на луѓето во моментов? Каква помош им е најнеопходна?

Според тоа каква е состојбата во моментов, најпотребно е да се спасат човечки животи кои се под урнатините. Се работи напорно на тоа, но сметам дека, покрај материјална помош, најпотребно е да се остане блиску до луѓето овде зашто сигурно се истрауматизирани и најнеопходно е да бидат сигурни дека не се сами.