Дендиас- Димитров

Грција поддржува преговори со ЕУ, Преспанскиот договор мора да се почитува

26.11.2019 14:02

Грција поддржува почеток на пристапни преговори на земјава со ЕУ, изјави шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, кој е во официјална посета во државава. Со неговиот домаќин Димитров се согласиле дека Преспанскиот договор се спроведува добро, но дека има забавувања во одредени области, за што наскоро ќе заседаваат комисиите...

Северна Македонија наскоро ќе стане партнер во НАТО, кандидат за ЕУ и сигурен сум дека наскоро ќе почнат преговорите за што ја имате целосната поддршка од Грција, изјави шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас при првата официјална посета на земјава. Дендиас е еден од 14-те потписници на писмото до претседателката на новата Европска комисија со барање за почеток на преговори со нашата земја и со Албанија. Ги поканил двајцата министри за надворешни од двете земји на појадок на Европскиот совет за надворешни работи во Брисел на 9-ти декември за да се потенцира дека интеграцијата на Западниот балкан е стратешка цел.

„Грција го поддржува влезот на Северна Македонија и на другите земји од Западен Балкан во ЕУ. Тоа е заедничка цел. Почнувањето на преговорите ќе биде значителен чекор и тоа за Грција е значајна цел. Го разбираме разочарувањето од одложувањето, но треба да се гледа напред. Важно е да се имлементираат европските вредности, а ние нудиме целосна соработка“, изјави шефот на грчката дипломатија Дендиас.

Двајцата министри за надворешни работи оцениле дека има напредок во спроведувањето на Преспанскиот договор, но дека треба да се забрза во некои сегменти каде што има доцнења. Најавија дека наскоро ќе расправа и Комисијата за трговските марки за да најде заедничко прифатливо решение, по промоцијата на „Грција е голема“, Дендиас вели заедничката иднина на двете земји ќе биде голема. Дендиас и Димитров се согласија дека договорот мора да се почитува во двете земји.

„Без разлика на предвремените избори, во согласност со самата содржина и текстот на Доворот од Преспа, дали опозицијата има ист став е повеќе прашање за нив. Битно е да се знае дека Договорот е дел од нашиот систем. Договорите мора да се почитуваат“, нагласи министеро Димитров.

Шефовите на дипломатиите оценија дека е подобрена билатералната соработка, која и натаму ќе се развива со фокус на економијата, воената соработка, инвестиците и интраструктурата.

 

Ирина Гелевска